Откако вчера беше именуван за нов тренер на Милан, легендарниот фудбалер на овој италијански клуб Џенаро Гатузо, попладнево и официјално ја имаше првата средба со италијанските медиуми.
Гатузо на прес-конференција најави дека прва промена во тимот ќе биде начинот на игра, односно тактичката поставеност во однос на она што досега го играше Милан под раководство на Винченцо Монтела.
Гатузо потенцираше дека ќе направи промени во одбраната и средината кога е во прашање поставеноста, додека единствена недоумица во овој момент му е тоа како ќе изгледа напаѓачката формација.
- Овој тим може многу добро да се носи со останатите. Ќе играме со тројца играчи во одбраната. Монтела сакаше неговиот тим да ја има топката во своите нозе, а и јас го сакам истото, но мора да бидеме многу подиректни. Тројцата играчи во одбраната и четворицата во средината пред нив се завршена работа за мене, ќе видиме како ќе изгледа нападот, изјави Гатузо.
Легендарниот играч од средниот ред, кој предничеше во однос на останатите со својот темперамент и мотивираност на секој меч, свесен е дека пред него е голема и тешка задача да го врати тимот на вистинскиот пат, бидејќи Милан по четиринаесет одиграни средби многу заостанува зад екипите од горниот дел на табелата.
- Ова е голем ден за мене, знам дека ќе имам голема одговорност. Ќе биде тешко, но овој тим е многу млад и може да напредува. Не минуваме низ лесно време, но ги имаме сите услови за да работиме напорно. Според мене, ги чувствувам истите емоции како од времето кога бев играч. Привилегија ќе биде да се води ваков тим, изјави Гатузо.
Милан е на седмото место на табелата со 20 освоени бодови, дури 18 помалку од лидерот Наполи, односно 16 од лутиот градски ривал Интер, кој е на второ место.