Конечно дојде време за расплет во Лигата на шампионите. На првиот ден од шестото коло не се познати вкупно тројца патници за осминафиналето. Во групата А голема борба водат ЦСКА од Москва и Базел, во групата С ќе играат Атлетико и Рома, а Јувентус и Спортинг од Лисабон во групата Д.

Во најдобра позиција е Рома, која на нејзиниот „Олимпико“ ќе го дочека аутсајдерот од Азербејџан, Карабаг и во случај да победи, ќе се пласира во следната фаза без оглед на резултатот од Лондон меѓу Челзи и Атлетико Мадрид.

Рома во луда комбинација може да биде трета, но и прва. Ако сензационално изгуби или ако одигра нерешено, со триумф на Атлетико, нема да продолжи понатаму, но ако, според очекувањата, победи, а Челзи одигра барем реми со избраниците на Диего Симеоне, во нокаут-фазата ќе се пласира од првото место поради подобриот меѓусебен скор.

Челзи обезбеди пласман во осминафиналето, но сигурно нема да се задоволи со расплетот на второто место...

Слична е ситуацијата во групата Д, Барселона го обезбеди првото место во групата и ослободено го дочекува Спортинг, кој на „Камп ноу“ ќе мора да победи, а Јувентус да киксне во Пиреја против отпишаниот Олимпијакос.

Што се однесува до групата А, ЦСКА и Базел ќе бараат триумф на гостувањата кај гигантите Манчестер јунајтед, односно Бенфика.

Базел има подобар меѓусебен скор во однос на ЦСКА, но и полесен ривал бидејќи ќе игра во Лисабон против Бенфика, која е без бодови и без натпреварувачки мотив, но јасно е дека ќе даде сè од себе од Европа да се збогува барем со некој бод.

На Манчестер јунајтед му е потребно реми за да го потврди пласманот од првата позиција, па дури и при низок пораз ќе биде прв.

Најјасна е ситуацијата во групата Б, ПСЖ и Баерн ќе играат во осминафиналето, Селтик оди кон Лигата на Европа, а Андерлехт е последен.

Распоредот би можело да биде поинаков само ако Баерн во Минхен го совлада ПСЖ со разлика од четири гола и ја преземе челната позиција, а Андерлехт на бучниот „Селтик парк“ направи подвиг од три гола повеќе и остане на меѓународната сцена.

Сите натпревари се играат денес, од 20.45 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2017 17:40