Бразилецот Роналдињо Гаучо, некогашниот најдобар фудбалер на светот, соопшти дека кариерата ќе ја заврши во 2018 година.
Поранешниот играч на Барселона и на Милан две години е без клуб откако го напушти Флуминеннсе само по три натпревари, но има намера да потпише за уште еден клуб пред официјално да ги обеси копачките на клин.
„Има голема шанса кариерата да ја завршам следната година. Би можело да приредам збогување од кариерата во некој од клубовите каде што сум играл, ќе мора да размислам за тоа. Кога ќе се повлечам од фудбалот, ќе се посветам на музичките проекти или на фудбалските школи. Тоа е нешто ново за мене, ќе мора да се прилагодам“, изјави Роналдињо.
Роналдињо веќе две години игра егзибиционистички натпревари ширум светот, а ја извршува и улогата амбасадор на Барселона.
Сега веќе 37-годишниот Роналдињо кариерата ја почна во Гремио, а потоа играше во ПСЖ, па во Барселона, каде што ја стекна славата, а потоа настапуваше за: Милан, Фламенго, Атлетико Минеиро, мексиканскиот Керетаро и Флуминенсе.
За најдобар играч на светот беше прогласен во 2004 и во 2005 година.