Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер сити, изјави дека неговата екипа на гостувањето дошла да игра фудбал, а тоа, според неговите зборови, го покажува и статистиката.

Гвардиола изјави дека приказните на колегата Жозе Мурињо за судиите и пеналите биле исти и минатата година.

„Минатата сезона беше исто – победивме овде и исто така судиите беа виновни. Така е и денес. Вчера исто зборуваше за судиите. Ние сме искрена екипа. Имавме 75 отсто од поседот на топката, што значи дека овде дојдовме да играме фудбал. Дојдовме овде и го направивме тоа“, изјави Гвардиола.

Тој додаде дека првенството не може да биде завршено во декември, иако неговата екипа има 11 бодови повеќе од второпласираниот Манчестер јунајтед.

„Оваа победа ни значи многу, посебно поради начинот на којшто игравме и покревање на самодовербата. За три дена гостуваме кај Свонси, каде што нè чекаат многу проблеми. Во декември е и невозможно да биде завршено првенството, но се наоѓаме во добра ситуација“, додаде менаџерот на Сити.

Шпанскиот тренер изјави дека отсекогаш верувал во неговиот стил на игра, иако многумина го оспорувале и зборувале дека е невозможно да се игра така во Англија.

„Многумина кажуваа дека не можеме во Англија да играме како што играла мојата Барселона, но очигледно е дека е возможно и ние го покажавме тоа. Го знаев тоа и минатата година. Секогаш верував дека можеме и тоа сега константно го покажуваме. Секој може да игра како што сака, затоа и фудбалот е толку убав. Среќен сум што мојата екипа оди на ’Стемфорд бриџ’ и на ’Олд Трафорд’ и победува на ваков начин“, изјави Гвардиола.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/12/2017 12:15