Иако оваа година српскиот фудбал доживеа ренесанса со пласманот на репрезентацијата на Мундијалот, како и прва заедничка пролет на Партизан и на Црвена ѕвезда во еврокуповите, хулиганите се тие поради коишто светот нивниот фудбал го гледа само низ призмата на насилство.
„Крвава битка“, „Ерупција на насилството“, „Најхаотично дерби“ се насловите со кои европските, пред сè британските медиуми го испратија 156-тиот дуел меѓу белградските гиганти.
Европските медиуми пренесуваат дека дербито резултирало со 17 повредени лица и ужасни слики на насилство на трибините, а англискиот „Скај“ во неговиот извештај во којшто попатно се наведени резултатот и стрелците, заклучува дека проблемите на трибините се редовна појава на дербијата од распадот на поранешна Југославија во 1992 година.
Австралиското издание на порталот „Јаху“ прашува дали белградското дерби е најхаотичниот дуел на светот, па истакнува дека имало ненормална пиротехника на трибините, фрлање факели блиску до играчите, како и дека се пеела навивачката песна додека траел хаосот на трибините и дека полицијата е навикната на таквите сцени.
За два месеца, Партизан и Црвена ѕвезда ќе играат во шеснаесетфиналето на Лигата на Европа против Викторија П’лзењ и ЦСКА Москва, тимови од земјите во коишто хулиганството исто така не е само лошо минато, а по овие слики од Хумска, тие немаат право да се бунат ако УЕФА продолжи брутално да ги казнува нивните клубови и поради најмали проблеми на трибините.