Денеска со триумфот над Шкупи како гостин од 0:2, Вардар обезбеди пласман во 1/4 финалето од Купот на Македонија. Благодарение на головите на Николов и на Максимов, „црвено-црните“ после 1:1 од првиот натпревар, вратија со победа и со пласман во следната рунда од Купот.
После натпреварот, своите импресии ги искажа шефот на стручниот штаб Чедомир Јаневски кој што го искажа своето задоволство од играта и од победата на тимот.
„Сите честитки за фудбалерите, затоа што на четири натпревар издвојувавме три победи и еден нерешен натпревар. И тоа во месец кој е многу тежок за играње. Фудбалерите беа максимално ангажирани, фокусирани и ментално одлично подготвени. Во период кога сите останати екипи се на одмор, тие тренираа далеку подолг период, и на ваков терен покажаа победнички менталитет. Што се однесува до самиот меч многу е тешко да се гради игра кога имате противник кој има дефанзивна формација. Не сакам никој погрешно да ме разбере, секој си има своја филозофија и стратетија. Во вториот дел бевме далеку подобри, создадовме шанси, постигнавме голови, и сметам дека заслужено одиме понатаму. Сега ни останува прво да се одмориме од оваа напорна полусезона, а потоа да се подготвуваме за пролетниот дел од првенството“, изјави Јаневски после денешниот дуел против Шкупи и победата на Вардар од 0:2.