На „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид, попладнево од 13 часот погледите на светската спортска јавност ќе бидат вперени која се нетрпение го чека дуелот на лутите ривали Реал и Барселона.
Во пресрет на 17.коло од Ла Лига, Барселона во шпанската престолнина доаѓа со високи 11 бода предност, па ова ќе биде шанса за „Кралевите“ да анулираат барем дел од негативата.
Долготрајното ривалство на шпанските гиганти предизвикува интерес кај стотици милиони луѓе ширум светот, па се очекува да бидат подобрени рекорди за гледаност. Се очекува една десетина од планетарната популација да седнат да ја следат пресметката на великаните.
Уште еднаш на теренот ќе се случи „пресметка“ меѓу најдобрите фудбалери во последната деценија Кристијано Роналдо и Лионел Меси.
Пред секое „Ел Класико“ прашањата се главно поврзани со формата на овие двајца играчи. Роналдо претрпе многу критики во текот на изминатите неколку недели поради слабата ефикасност, но тој е одличен во Лигата на шампионите, па „мадристите“ очекуваат формата од елитното натпреварување да ја преслика во големото дерби. Меси е далеку поуспешен во шпанското првенство и сите погледи на Каталонците ќе бидат вперени кон него.