На Флорентино Перес, претседателот на Реал Мадрид, тешко му падна поразот во Ел Класико во Мадрид (3-0) и дури 14-те бода помалку од Барселона.
Флорентино Перес, претседателот на Реал Мадрид, е подготвен во јануари да инвестира 200 милиони евра за трансфер на Мауро Икарди, голгетерот на Интер, Леонардо Бонучи, дефанзивниот играч на Милан, и Кепа Аризабалага, голманот на Атлетик Билбао, пренесува шпанскиот весник „Гол“.
Перес сака нови „галактикоси“, а Икарди е означен како приоритет, посебно поради честите повреди на Герет Бејл и слабата форма на Карим Бензема, што најдобро се виде во натпреварот против Барселона, па во Милано ќе отиде со понуда од најмалку сто милиони евра.
Интер ја отфрли можноста да се откаже од капитенот, Икарди е среќен на „Џузепе Меаца“, но ретко кој успеал да ги одбие Перес и Реал.
Втора цел е Бонучи, кој од летошниот трансфер од Јувентус во Милан не игра според очекувањата и дури италијанскиот стопер сам му се понудил на Перес, бидејќи нема намера да се задржува во клубот со очајна сезона.
Третото засилување веќе е договорено усно, Кепа би требало да му биде конкуренција на Кејлор Навас и ќе се бори за местото прв голман.
Реал летоска ги доведе само Тео Ернандес од Атлетико и Дани Себалјос од Бетис, но тие имаат мала минутажа, додека екипата ја напуштија Пепе (во Бешикташ), Џејмс Родригес (во Баерн Минхен) и Алваро Мората (во Челзи).