Најскапиот дефанзивен играч на сите времиња Вирџил ван Дајк имаше деби од соништата – на Ливерпул му донесе победа над најголемиот ривал Евертон!
Холанѓанецот точно по една година постигна гол и на Ливерпул му донесе победа од 2-1 над „карамелите“ за пласман во шеснаесетфиналето на ФА купот.
Ливерпул поведе со голот на Џејмс Милнер од пенал во 35-тата минута, а на 23 минути пред крајот Гилфи Сигурдсон со одличен удар од првата шанса за гостите го израмни резултатот.
На шест минути пред крајот, Ван Дајк стана миленик на „Коп“ на дебито и веднаш ги исплати 75-те милиони фунти што се однесува до најголемиот дел на навивачите на Ливерпул, со глава ја затресе мрежата на Евертон за експлозија на „Енфилд роуд“ во 230-ото дерби на Мерсисајд.
Во шеснаесетфиналето на најстарото фудбалско натпреварување на светот се пласира и Манчестер јунајтед. „Црвените ѓаволи“ се мачеа, но го срушија Дерби каунти со 2-0, со погодоците во последните пет минути.
„Јунак на „Олд Трафорд“, по којзнае кој пат оваа сезона, беше Џеси Лингард, кој на шест минути пред крајот го проби бункерот на гостите, а точка во продолжението на времето стави Ромелу Лукаку, асистентот кај водечкиот погодок.
Белгиецот натпреварот го почна од клупата за резерви, но Жозе Мурињо го воведе во игра уште на полувремето, а по него уште Антони Мартијал и Маруан Фелаини за конечно да ги срушат гостите.