Раџа Најнголан, фудбалерот на Рома, е исфрлен од екипата откако на социјалните мрежи објави видеоснимка на која се гледа како пуши и пие во текот на новогодишната ноќ.

Најнголан неодамна се извини поради видеоснимката, на која се гледа како при гласна музика пцуе, пие и пуши. Ди Франческо додаде дека Најнголан е свесен за грешката и дека целосно ја прифатил одговорноста. Рома денес, од 18 часот, на домашен терен ќе игра против Аталанта на натпреварот од 20-тото коло на Серија А.

„Во согласност со клупските правила, кои ги почитуваме и јас и самиот фудбалер, одлучено е Најнголан да го пропушти натпреварот против Аталанта. Тоа е политика на клубот која се применува секој пат кога некој од Рома ќе направи неприфатлива грешка“, изјави Еузебио ди Франческо, тренерот на Рома.

Римскиот тим победи само еднаш во последните четири првенствени натпревари и го зазема четвртото место на табелата, додека Аталанта е деветта со 12 бода помалку.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/01/2018 22:45