Бразилецот Филипе Кутињо прејде од Ливерпул во Барселона за 160 милиони евра, потврдија двата клуба.
Кутињо вчера отпатува за Барселона и денес се очекува официјално потпишување на договорот, а претставувањето на фудбалерот во новиот дрес треба да биде утре.
Каталонскиот клуб за Бразилецот на Ливерпул му плати 160 милиони евра, од кои 120 фиксно, а преостанатите 40 низ дополнителни бонуси.
Ливерпул минатиот август одби три понуди на Барселона за Кутињо кој со овој трансфер стана втор најскап фудбалер во историјата, по сонародникот и пријател Нејмар.
„Не е никаква тајна дека тој сакаше да се пресели во Шпанија уште летоска кога Барселона го покажа својот интерес. Тој беше упорен во својата желба во разговорите со мене, соиграчите и управата на клубот, а кога е таква ситуацијата не можете ништо да направите“, изјави менаџерот на Ливерпул Јирген Клоп.