Управата и сопствениците на ПСЖ имаат намера да го доведат Зинедин Зидан, тренерот на Реал Мадрид, наведуваат шпанските медиуми.
По информацијата дека Флорентино Перес, претседателот на Реал, му дозволил на Кристијано Роналдо да ја промени средината, доаѓа и веста дека од Мадирд би можело да си оди и тренерот кој го водеше клубот до Лигата на шампионите.
„Диарио спорт“ јавува дека работата со Унаи Емери виси на конец, а клубот од Париз би можело да ја искористи шансата бидејќи ниту Реал не блеска во Ла Лига.
Како една од главните причини за доведување на Зинедин Зидан се наведува неговиот успех во Лигата на шампионите, а познато е дека ПСЖ кубури во европската елита.
Минатата година, по првата добра партија, Барселона во реваншот од осминафиналето го демолираше со 6-1, со чудесниот пресврт во режија на Нејмар и Серхи Роберто во последните седум минути.
Оттогаш Нејмар ѝ се приклучи на париската екипа. Втора причина за доведување на Зидан е тоа што е Французин, па полесно ќе комуницира со играчите, додека трета причина е неговата способност да доведе големи играчи да играат за него. Договорот на Зидан со Реал му истекува во 2020 година.