Фудбалерите на Леганес приредија сензација победувајќи го Реал од Мадрид со 2-1 во реваншот од четврт-финалето на Кралскиот куп на „Сантијаго Бернабеу“.

Леганес со победата за прв пат во историјата се пласира во полуфиналето и по трите порази против Реал, ја забележа првата победа.

Реал без Марсело, Крос, Бејл и Роналдо претрпе нова шлаканица.

Кралскиот клуб првиот удар го претрпе во 30-тата минута, кога Хавиер Ерасо му ја зеде топката на Начо Фернандез во непосредна близина на шеснаесетникот и со силен удар ја испрати во голот на Кико Касилја за 1-0.

Карим Бензема веднаш на стартот на вториот дел од играта изедначи по додавањето на Лукас и го постигна првиот гол од почетокот на декември, но конечниот резултат во 55-тата минута го постави Габриел по корнерот.

Ерасо центрираше, а Габриел со глава ја испрати топката во мрежата на безволниот Кико Касилја. Реал во првиот натпревар во гости беше подобар со 1-0.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/01/2018 15:40