Тренерот на Вардар, Чедомир Јаневски на половина од подготовките во Анталија, Турција, рече дека нападот е поголем проблем на тимот и дека мора да се работи на подобрување на реализацијата.
- Одбраната ќе биде повторно солидна, ама во нападот имаме една стара болка. И кога победувавме во првиот дел од сезоната, ретко тоа го правевме со голема разлика. Од мене и од Вардар се бара да ги добиваме натпреварите порано, а не да стравуваме до крајот. Иако имаме доста играчи во нападот, имаме проблем со тоа последно додавање. Затоа останува уште една недела тука и потоа кога ќе се вратиме во Скопје, да посветиме уште поголемо внимание на тој план. Бидејќи не можеме да очекуваме на секој натпревар да правиме по десетина шанси, изјави шефот на стручниот штаб на „црвено-црните“ за клупскиот сајт.
Јаневски најави уште некое засилување до крајот на преодениот рок.
- Правиме напори да донесеме засилувања, за да направиме компактен тим. Свесен сум дека не е лесно, затоа што како што реков и порано во зимскиот преоден рок тешко се наоѓаат квалитетни играчи кои се во натпреварувачки ритам. Бевме многу блиску да донесеме нов фудбалер, но се случи да падне на лекарскиот преглед. Имаме неколку млади играчи кои што можат да ни помогнат, иако знам дека со уште еден - двајца нови и искусни играчи на клучните позиции, ќе бидеме уште посилни, рече предводникот на Вардар.
Македонскиот шампион во турскиот туристички центар досега одигра три од планираните шест контролни натпревари. Остварија една победа против Берое и два пораза, од Пахтакор и од Черноморец Одеса.