Фудбалскиот клуб Тотенхем постигнал договор со ПСЖ за трансфер на Лукас Мура во лондонскиот тим, пренесува Би-би-си.
Трансферот на Бразилецот наводно е вреден повеќе од 28 милиони евра, а договорот ќе биде потпишан кога 25-годишниот играч за врска ќе ги помине лекарските прегледи и ќе се договори за личните услови со управата на Тотенхем.
Лукас во 2013 година од Сао Пауло направи трансфер во ПСЖ, за кого одигра 229 натпревари, постигна 46 гола и имаше 50 асистенции.
Освои 13 трофеи во Франција, од кои четири шампионски титули. Тој оваа сезона одигра шест натпревари, секој пат од клупата, а управата на ПСЖ го известила дека може да си најде нов клуб.
Лукас одигра 36 натпревари за репрезентацијата на Бразил, постигна четири гола и освои сребрен олимписки медал во Лондон 2012 година.