Оливие Жиру, центарфорот на Арсенал, ќе направи трансфер во редовите на градскиот ривал Челзи, пренесоа неколку познати британски портали.
Лондонскиот „Гвардијан“, меѓу останатите, наведува дека двата тима се договориле за цена од околу 20 милиони евра за францускиот репрезентативец.
Изгледа дека трансферот на Жиру од „Емирати“ на „Стамфорд бриџ“ е само еден дел од сложувалката бидејќи и Миши Батшуаји од Челзи ќе отиде во Борусија од Дортмунд , односно Пјер-Емерик Обамејанг од „Сигнал Идуна парк“ конечно ќе игра во Арсенал.
Се чека само официјална потврда од Челзи, па Алваро Мората да го добие толку посакуваниот заменик во нападот, а Антонио Конте да добие уште една опција, но и да се случи нов блокбастер трансфер.
Батшуаји веќе отишол во Германија, додека Обамејанг бил виден во Лондон, каде што би требало да ги направи медицинските прегледи, по што Арсен Венгер би требало да го официјализира трансферот на Габонецот тежок 60 милиони евра.