Жерар Пике, дефанзивниот играч на Барселона, го продолжи договорот со каталонскиот клуб, па боите на екипата од стадионот „Камп ноу“ ќе ги брани до јуни 2022 година.

Триесетгодишниот стопер почна во помладите категории на Барселона, а потоа направи трансфер во Манчестер јунајтед, за кого од 2004 до 2008 година одигра 12 натпревари, а една сезона помина и на заем во Сарагоса. Пике потоа се врати во редовите на каталонскиот гигант и оттогаш е еден од најважните играчи кај тренерите од Пеп Гвардиола до Ернесто Валверде.

„Многу сум среќен што го продолжувам договорот. Се надевам дека тоа нема да биде последен пат. Чувствувам дека Барселона е мојот дом. Се надевам дека својата кариера ќе ја завршам овде. Не би можел да играм за друг клуб. Барса или ништо“, изјави Пике. Жерар Пике во дресот на Барселона освои 24 трофеи, од кои три во Лигата на шампионите, шест во Ла Лига и пет трофеи на Кралскиот куп.

Искусниот дефанзивен играч оваа сезона играше на 28 натпревари, а постигна два гола.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/02/2018 13:47