Англиските премиерлигаши потрошија рекордни 492,5 милиони евра во јануарскиот преоден рок.
Потрошено е речиси двојно повеќе од досегашниот рекорд од 2011 година (234 милиони) и десет пати повеќе отколку што потрошија клубовите во италијанската Серија А, соопшти ревизорската куќа „Дилојт“.
Како што се наведува, англиските клубови само во последниот ден од преодниот рок издвоиле рекордни 171 милион евра, од кои најмногу Арсенал – за трансферот на Пјер-Емерик Обамејанг од Дортмунд потроши 63 милиони.
Овој јануари рекордни трансфери остварија Ливерпул, кој му плати 85 милиони евра на Саутхемптон за Вирџил ван Дајк, односно Манчестер сити, кој даде 65 милиони за Ајмерик Лапорт од Атлетик Билбао.
За разлика од премеирлигашите, италијанските клубови поминаа без звучни трансфери и за доведување играчи потрошија само 50 милиони евра, додека трошоците на клубовите од Шпанија изнесуваат 271 милион евра, голем дел поради 160 милиони евра вредниот трансфер на Кутињо од Ливерпул во Барселона.
Пеп Гвардиола, менаџерот на „граѓаните“, по 18 месеци во Сити, ја помина границата од половина милијарда евра за купување играчи, од кои дури 310 милиони за засилување на одбраната.
Како и секогаш, интернет-заедницата го пронајде најзабавниот агол во оваа ситуација, па се дозна дека е лидерот во Премиер лигата е на 101-вото место меѓу светските земји според вложувањата во одбраната, пред Хондурас (295 милиони), Парагвај (267), Сенегал (256) и Босна и Херцеговина.