Италијанските медиуми пишуваат дека Мауро Икарди и Иван Перишиќ, фудбалерите на Интер, се степале по натпреварот со СПАЛ, поради што Аргентинецот сега по секоја цена сака да го напушти клубот.

На Интер никако не му оди, а капката која ја прели чашата беше ремито со СПАЛ на последниот натпревар.

Икарди и Перишиќ влегле во бучна расправа, од која дошло до физичка пресметка, а во целата приказна се вмешал и Марцело Брозовиќ, кој застанал во одбрана на земјакот.

Аргентинецот веќе подолго време не е во добри односи со Перишиќ, па по овој инцидент, одлучил дека дефинитивно сака да си оди, а како што се пишува, негова следна станица е Реал Мадрид.

Реал во јануари сакаше да го доведе Икарди, но не дојде до реализација.

Медиумите наведуваат дека Икарди одеднаш престанал да ги следи споменатите фудбалери на социјалните мрежи.

Контроверзниот фудбалски агент Мино Рајола се вмешал во целата приказна и сака да го работи трансферот на Икарди од Интер во Реал Мадрид. Но, прашање е колку е реално да дојде до тоа бидејќи него го застапува неговата сопруга Ванда Нара.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/02/2018 02:34