На последниот пријателски меч на подготовките во Анталија, Вардар денеска беше подобар од Дукла Прага со 1:0. Голот на Јован Попзлатанов во 50. минута ја донесе победата на „црвено-црните“, а во текот на мечот „црвено-црните“ имаа уште неколку шанси за поубедлива победа, и покрај тоа што Дукла на почетокот ја погоди и стативата од голот на Гачевски.

После првото полувреме немаше голови, иако имаше неколку шанси на двете страни, и недосуден чист пенал за Вардар. Први се заканија играчите на Дукла преку Биловски кој што во 8. минута со удар од 20 метри ја погоди само десната статива од голот на Гачевски. Следуваше обидот на Фелипе во 13. минута кој што шутираше непрецизно и крај голот.

Се играше 15. минута кога после противнапад Барсегјан се проби и требаше да излезе сам пред голот, противничкиот голман Хрушка го сруши нашиот фудбалер на 20 метри, а доби само жолт картон. Во 20. минута обидот на Барсегјан од слободен удар оди право во рацете на голманот. Седум минути подоцна акцијата на Фелипе, Барсегјан и Блажевски заврши со шут на Блажевски, но и одбрана во корнер на голманот Хрушка. Шанса во 30. минута имаше Вардар кога не беше досуден пенал за Вардар. Фелипе убаво тргна да излегува сам пред голот, беше срушен во шеснаесетникот, но на општо изненадување на сите беше досуден само слободен удар на 16 метри.

Последната прилика во првиот дел ја имаа Чесите кога Биловски од слободен удар шутираше, но Гачевски лесно ја одбрани таа топка.

Првата шанса во второто полувреме Вардар ја претвори во водство. Во тек беше 50. минута кога Фелипе одзема една топка, тргна во напад и одлично го проигра осамениот Попзлтанов, кој што беше осмен и од 10-11 метри мирно, рутинирано погоди во противничкиот гол.

Пет минути подоцна Преислер со обид одкосо од 20 метри се обиде, меѓутоа Гачевски одлично интервенираше и изби во корнер. Во 62. минута нова шанса за Дукла овој пат преку Дудера, но исходот е ист како и претходно, односно Гачевски забележа нова одбрана.

Во 78. минута после центаршутот на Тошевски од десната страна, Блажевски се обиде со волеј удар, но топката отиде само крај голот. Во судиското надополнување Вардарци пропуштија можност да дојдат и до 2:0, но ударот на Барсегјан беше одбранет од голманот на Дукла, што беше последна шанса на овој меч.

Утре експедицијата на „црвено-црните“ се враќа во Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/02/2018 02:53