Како што пренесуваат англиските медиуми, Томас Лемар одбил да ја продолжи соработката со екипата на Монако.
Неговиот актуелен договор му истекува во 2020 година, така што со тоа јасно ѝ стави до знаење на управата дека сака да си оди од клубот, па треба да се очекува налето да ги напушти редовите на „кнезовите“.
Монако откако ја освои титулата, ги продаде речиси сите клучни играчи, останаа само Лемар и Фабињо, но веројатно и двајцата би можело да го напуштат клубот по Мундијалот.
Арсенал минатото лето на Монако му испрати понуда од 90 милиони фунти за Лемар, управата на клубот од стадионот „Луј Втори“ ја одби, но сега без сомнение жали за тоа бидејќи Французинот не е целосно свој во тековната сезона.
Со тоа цената веќе му е падната, а бидејќи сега одби да ја продолжи соработката со клубот, јасно е дека ќе им биде уште подостапен на заинтересираните страни.
Оваа зима актуелна беше приказната за негов трансфер во редовите на Ливерпул, каде што би отишол како замена за Кутињо, дури во неколку наврати и самиот изјави дека би сакал да ги засили „црвените“, па може да се каже дека екипата на Јирген Клоп е прв фаворит за неговиот потпис, посебно поради тоа што се чини дека е многу поблиску до Лигата на шампионите од екипата на Арсенал.