По зимската пауза, продолжува борбата за трофејот на Лигата на шампионите, а вечерва на програмата се играат два натпревара од осминафиналето.

Тотенхем ќе гостува кај Јувентус во Торино, додека Базел го дочекува Манчестер сити.

Едно од дербијата на оваа рунда е судирот меѓу „старата дама“ и „петлите“, двобој меѓу цврстата одбрана на шампионот на Италија и фантастичниот Хари Кејн, најдобриот стрелец на Премиер лигата во оваа сезона кој веќе 32 пати ја погоди мрежата на ривалите.

Англискиот центарфор игра во одлична форма, минатиот викенд го одлучи лондонското дерби против Арсенал (1-0), но сега има тешка задача против голманот Џанлуиџи Буфон и искусната одбрана на Јувентус, која прими само еден гол на последните 16 натпревари.

„Пред нас е голем натпревар, нè чека тешка работа, но ние фудбалерите го сакаме тоа. Сакаме да видиме каде сме во однос на најдобрите, Јувентус беше фантастичен последните години во Лигата на шампионите“, изјави Кејн, чиј Тотенхем во групната фаза заврши пред бранителите на трофејот, Реал Мадрид и Борусија од Дортмунд.

Од друга страна, Јувентус дури на 27 натпревари во елитното натпреварување нема изгубено во Торино, а сега е направена вистинска увертира со победата над Фиорентина на јубилејот на тренерот Масимилијано Алегри – 200-ти пат го водеше Јувентус.

Тренерот кој доминира во Италија, но и понатаму чека на трофејот на Лигата на шампионите со Јувентус, по двата порази во финалињата, од Барселона со 3-1 (2015) и од Реал Мадрид со 4-1 (2017), оваа сезона очекува исчекор.

„Се прашувам дали ќе го испишам последното поглавје од мојата приказна во Јувентус. Сакам да учам, тоа ме охрабрува да ја продолжам почнатата работа. Сакам моите играчи да бидат подобри и попаметни, знам како да напредуваат“, изјави Алегри, алудирајќи на тоа дека ќе дојде денот кога торинскиот клуб по трет пат во историјата ќе биде шампион на Европа.

Многу помалку неизвесност се очекува во дуелот меѓу Базел и изразитиот фаворит Манчестер сити, практично новиот шампион на Европа бидејќи сега има дури 16 бода повеќе од градскиот ривал Јунајтед.

Екипата на Пеп Гвардиола може речиси сите адути да ги насочи кон Лигата на шампионите и би било првокласна сензација второпласираниот тим на Швајцарија да ги изненади „граѓаните“.

И покрај тоа што Лерој Сане, Габриел Жесус, Бенџамин Менди и Давид Силва не се во составот, Гвардиола на располагање има широк играчки кадар.

„Ќе се бориме за трофејот во сите натпреварувања. Имаме тим способен да направи сè“, изјави Гвардиола.

Сити во саботата уште еднаш ја покажа силата со победата над Лестер со 5-1 во натпреварот од Премиер лигата, во којшто Серхио Агуеро постигна дури четири гола, па стадионот „Сент Јакоб“ е нова цел да се потврди одличната форма.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/02/2018 19:47