Дербито во Тетово заврши без победник. Немаше голови се до последните 15 минути кога паднаа два, по еден на двете страни.

Најпрво Вардар дојде до водство, потоа пропушти можност да го зголеми истото. На пет минути до крајот на средбата, Шкендија успеа да израмни и натпреварот да заврши нерешено.

Мрежите мируваа после првиот дел, благодарение на одличните интервенции на двата голмани на средбата. Прв со шанса отвори тимот на Вардар преку Фелипе кој што од 25 метри упати непрецизен шут кој оди над голот. Во 10. минута Гачевски е одличен на голот на Вардар. Брани три удари по ред на противникот. Најпрво на Радески со глава, па на истиот фудбалер со нога, и на крајот го одбрани и обидот на Жуниор од непосредна близина.

Нова шанса за Фелипе во 14. минута кога одлично проби по средината и од 22-23 метри шутираше повторно над голот. Две минути подоцна идентична слика, но овој пат во „режија“ на Барсегјан. Топката оди повторно над пречката.

Најубавата шанса за водство Вардар ја имаше во 22. минута кога Барсегјан од левата страна супер го проигра Попзлатанов, нашиот фубдалер упати удар, но Захов во последен момент интервенираше и ја спаси својата екипа.

Гачевски продолжи со одбраните откако во 24. минута не дозволи на Ибраими да се радува по обидот одкосо од десно. Последната шанса ја имаше Шкендија преку Хасани кој од непосредна близина го префрли голот во 41. минута. Следуваше и последниот свиреж на судијата Ецкоски, после првиот дел голови немаше.

Со одлична шанса за Вардар почна вториот дел. Се играше 52. минута кога Барсегјан излезе сам пред голот на Захов, но неговиот обид беше одбранет од голманот на Шкендија. Следуваше обидот на Алими во 61. минута, и новата одбрана на Гачевски.

Голманот на Вардар беше феноменален во 64. минута кога му го одбрани ударот на Радески, и покрај тоа што фудбалерот на Шкендија беше сам пред голот.

Во 78. минута водство за Вардар. Корнер изведе Фелипе на првиот дирек каде што Новак со глава пефрли на вториот дирек до Грнчаров, а нашиот капитен од непосредна близина успеа со глава да ја спроведе топката во мрежата.

Веднаш потоа Вардар може да жали затоа што за малку топката не стигна до Попзлатанов кој што беше сам пред голот. Во последен миг изблокираа играчите на Шкендија.

Во 85. минута Шкендија израмни. Ибраими се најде во позиција на 16 метри од голот на Гачевски, шутираше прецизно во левиот долен агол.

Натпреварот финишираше со шанса за Шкендија. На минута пред крајот Радески нафрли до Ибраими кој што со глава се обиде, но топката оди само крај голот, со што заврши уште едно дерби во македонската Прва лига.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/02/2018 22:21