Антонио Конте, менаџерот на Челзи, изјави дека веќе еден месец го подготвува тимот за дуелот со Барселона во осминафиналето на Лигата на шампионите.
Дуелот меѓу Челзи и Барселона многумина го сметаат за едно од дербијата на осминафиналето на Лигата на шампионите, а според многуте проценки, мала улога на фаворит имаат Каталонците.
„Од една страна, знаеме дека Барселона е еден од најдобрите тимови на светот. Можеме да речеме дека се и фаворити во текот на целото натпреварување. Од друга страна, мораме да бидеме возбудени бидејќи имаме шанса да одиграме значаен натпревар и да покажеме на кое ниво сме. Ќе се обидеме да одиграме совршено. И тие имаат свои слабости без топката и ќе мораме да ги искористиме“, изјави Конте.
Надеж на Челзи им дава и податокот дека Лионел Меси во осумте натпревари меѓу двата тима никогаш не постигнал гол. „Ќе работиме заедно. Не можеме да задолжиме само еден играч за Меси. Тоа може да биде опасно. Тие ќе се обидат да ни наметнат притисок, но ако го избегнеме тоа, мислам дека ќе можеме да им се заканиме. Ја анализираме нивната игра речиси еден месец“, додаде Италијанецот.
Натпреварот на „Стемфорд бриџ“ на програмата е утре, од 20.45 часот.