Завесата на првите натпревари од осминафиналето на Лигата на шампионите се спушта со гостувањето на Манчестер јунајтед во Севилја, односно со дуелот на Шахтар и Рома во Харков.

Во „сенка“ на наводните проблеми со Пол Погба, екипата на Жозе Мурињо оди во Андалузија, кај тимот кој од доаѓањето на Винченцо Монтела игра топло-ладно, но е специјалист за европските натпреварувања.

Севилја три пати последователно ја освојуваше Лигата на Европа (2014, 2015, 2016), пред на тронот на помалото натпреварување на УЕФА да ја наследи токму Јунајтед.

Не е лесно да се победи Севилја на нејзин терен. Како и обично, главен адут на Мурињо на средината на теренот ќе биде Немања Матиќ.

„Многу сме среќни што се враќаме на теренот во Лигата на шампионите. Севилја е одличен тим, исклучително ги почитуваме, посебно се опасни на домашен терен. Сигурен сум дека уште од почетокот ќе бидат агресивни, но ние имаме своја цел, свесни сме за своите квалитети и ќе бидеме подготвени“, изјави Матиќ за клупската интернет-страница.

Вечерва и Рома ќе гостува кај Шахтар во Харков, а против украинскиот клуб паѓале и подобри од Рома.

И додека во Севилја ќе се игра на најмалку 15 степени во плус, во Харков за време на натпреварот се очекува температурата да биде минус десет степени.

И двата натпревара се играат во стандардниот термин од 20.45 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/02/2018 23:56