Фудбалерите на ПСЖ се пласираа во полуфиналето на Купот на Франција со победата над Олимпик од Марсеј со 3-0.
Парижаните до втората победа над големиот ривал во речиси неколку дена дојдоа најмногу благодарение на двократниот стрелец Анхел ди Марија.
Бразилецот Нејмар нема да игра два месеца, но Аргентинецот добро го замени – во првата минута од продолжението на првото полувреме го прифати додавањето на Дракслер и од околу 18 метри брзо ја смести топката во долниот лев агол.
Екипата на Унаи Емери замина на пауза со предност од еден гол, а веднаш по враќањето на теренот, некогашниот играч на Бенфика, Реал Мадрид и Манчестер јунајтед ја удвои предноста.
Јури Берчиче од левата страна ја врати топката, која ги помина сите во казнениот простор, додека Ди Марија со многу среќа ја затресе мрежата на Стив Манданда.
За повторно да биде 3-0, се погрижи Единсон Кавани, кој во финишот сигурно ја заврши прекрасната акција на Верати и Дракслер. Уругваецот го постави конечниот резултат, па „светците“ им се придружија на Лезерби и Шамбли, нисколигашите коишто направија сензација во овогодишното издание на Купот.
Непосредно пред дуелот меѓу ПСЖ и Олимпик Марсеј, Шамбли на домашен терен го шокира Стразбур, член на Лига 1, со резултат 1-0.
Еден од најважните голови во историјата на клубот го постигна Ласана Дукуре во 83–тата минута.
Последниот полуфиналист ќе биде познат денес, кога од 21 часот Каен ќе го дочека Олимпик од Лион.