Во чест на Давиде Астори, капитенот на Фиорентина и репрезентативец на Италија, кој неочекувано почина во неделата, Фиорентина и Калјари, во коишто помина голем дел од кариерата, ќе го повлечат дресот со број 13.
Давиде Астори во неделата утрото беше пронајден мртов во хотелската соба пред натпреварот кој неговиот тим требаше да го одигра во Удине. Во неделата беа откажани сите натпревари, што беше и очекувано со оглед на трагедијата која се случи.
Од Фиорентина и Калјари, во коишто Астори помина значаен дел од кариерата, стигна веста дека во негова чест ќе бидат повлечени дресовите со бројот 13, кои ги носеше во текот на кариерата.
Давиде Астори ќе биде погребан во Фиренца, во четврток, а утре во тој град во техничкиот центар на Фудбалскиот сојуз на Италија сите коишто сакаат ќе може да му одадат последна чест.
Европската фудбалска унија најави дека на Астори ќе му биде оддадена чест со минута молк на натпреварите од Лигата на шампионите оваа седмица.