На повидок е нова сапуница меѓу Џанлуиџи Донарума и Милан бидејќи талентираниот голман размислува да го напушти клубот на крајот на сезоната.

Милан со доведувањето на Пепе Реина, кој треба да дојде во јули без оштета, кога ќе му истече договорот со Наполи, го налути семејството Донарума бидејќи ја загрозува позицијата на братот на Џанлуиџи, Антонио, пишува „Кориере дело спорт“.

Спортскиот директор Масимо Мирабели одлучил да го доведе Реина и покрај договорот меѓу Донарума и клубот при продолжувањето на соработката Антонио да биде резервна опција на Џанлуиџи, па со тоа предизвика револт кај семејството Донарума, најмногу кај таткото Алфонсо.

Џанлуиџи Донарума размислува да си оди налето, на што инсистира и неговиот менаџер Мино Рајола, кој ќе се обиде да го натера ПСЖ да понуди најмалку 60 милиони евра.

Во случај да си замине Донарума, Милан во прв чувар на мрежата би го промовирал Реина, додека би го вратил талентираниот Алесандро Плицари од второлигашот Тернана.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/03/2018 20:03