Дани Алвес, фудбалерот на ПСЖ, изјави дека смета дека фудбалот веќе не се игра од љубов, туку исклучиво поради пари.
„Фудбалот полека го губи оној дух кој ме инспирираше да станам играч. Денешниот фудбал стана бизнис. Му благодарам на Бога што моите деца не го сакаат бидејќи се претвори во работа. Сè помалку уживам во него“, изјави Алвес, па даде објаснување зошто сепак се одлучил за ПСЖ.
„Во Париз дојдов заради проект. Бидејќи луѓето коишто ме ангажираа веруваа во мене. Сепак, мислам дека парите вложени во мојот ангажман, со цел да му помогнам на клубот да ги оствари целите, не одговараат на мојата вистинска вредност“, додаде 34-годишниот фудбалер.
Силва даде коментар и за неговиот клупски колега и најскапиот фудбалер на светот Нејмар.
„Луѓето мислат дека Нејмар е марионета. Не, тој е само дете кое расте. Сè уште е во процес на развој, не е созреан доволно за да знае како да се носи со одредени проблеми. Што помалку им придава важност на таквите работи, иако понекогаш болат и нервираат, тоа е подобро за него. Мора да се посвети на нешто друго. Нејмар мора да еволуира“, додаде Бразилецот.
Тој беше критичен и кон ПСЖ.
„Екипата ја нема енергијата која ги поврзува луѓето. Недостасува хемија. Тоа веднаш се гледа на теренот. ПСЖ моментно е во процес на транзиција, па мора малку и да страда. Тој процес ќе трае и многу е тешко да се направат хармонични односи во тимот“, изјави Алвес.