Дидие Дрогба, некогашниот голгетер на Челзи, изјави дека ќе ја заврши кариерата во дресот на американскиот Финикс рајзинг по завршувањето на оваа сезона.

Напаѓачот од Брегот на Слоновата Коска, кој во Челзи во два наврата помина десет години и по четири пати ги освои Премиер лигата и ФА купот и единствената Лигата на шампиони во клупската историја, изјави дека сега, откако наполни 40 години, е време да заврши со професионалната кариера.

„Уживам додека играм. Ми одговара улогата истовремено да бидам сопственик и играч. Опкружен сум со млади играчи и задоволен сум што можам на теренот да им пренесам дел од моето искуство. Но, наполнив 40 години и ова е мојата последна сезона“, изјави Дрогба за францускиот „Телефут “.

Дрогба освен за Челзи, во којшто го помина најуспешниот дел од кариерата, играше и за Ле Ман, Генгамп, Олимпик од Марсеј, Шангај, Галатасарај, а од 2015 година е во САД, каде што прво играше за Монтреал, а од минатата година за Финикс, чиј сопственик е токму тој.

За репрезентацијата на Брегот на Слоновата Коска постигна рекордни 65 погодоци на 104 натпревари.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/03/2018 23:14