Диди Хаман, поранешниот играч на Баерн од Минхен, за „Скај спорт“ изјави дека Германците го контактирале Маурисио Покетино, менаџерот на Тотенхем.
Јуп Хејнкес беше вратен од пензија минатата година, по лошите резултати кои ги направи Карло Анчелоти, и договорот беше да го води Баерн до крајот на сезоната.
„Знам дека желбата на Баерн беше Покетино, можеби и понатаму е. Некои велат дека тренерот на Баерн треба да биде Германец, тоа може да биде еден од факторите, но не и пресуден. Покетино е совршен човек за да го води Баерн“, изјави Диди Хаман за англиските медиуми.
За Аргентинецот беа заинтересирани и Манчестер јунајтед, Реал Мадрид и Барселона.
„Никогаш не би можел да седам на клупата на Барселона, тоа е невозможно. Од многу причини, нема да влегувам сега во тоа“, изјави Покетино, кој 11 години настапуваше за Еспањол, градскиот ривал на Барселона.
Покетино го води Тотенхем од 2014 година, а минатата година го обнови договорот со тимот од Лондон до 2021.