Светската фудбалска федерација и официјално одобри да се користи видеотехнологијата на Светското фудбалско првенство во Русија.

Панелот на ФИФА пред две седмици едногласно донел одлука за одобрување на технологијата ВАР, а официјалната одлука е донесена вчера, на советот на ФИФА во Богота, Колумбија.

„Ќе го имаме првото Светско првенство со технологијата ВАР. Одобрено е и, секако, многу сме задоволни од таа одлука“, изјави Џани Инфантино, претседателот на ФИФА.

Тој додаде дека технологијата ВАР нема да биде решение за сè во фудбалот, но дека е желба да се избегнат големите грешки на судиите.

„Мораме да одиме во чекор со времето. Сакавме да им дадеме алат на судиите за да донесуваат подобри одлуки. Невозможно е во 2018 година сите во своите дневни соби по неколку секунди да знаат дали судијата згрешил, а судиите да не знаат“, изјави Инфантино.

Прегледот на видеоснимката на судиите ќе им помага кај головите, пеналите, црвените картони, како и останатите работи.

Технологијата ВАР се користеше на минатогодишниот Куп на конфедерациите во Русија, кој традиционално се одржува пред Светското првенство.

Светското првенство во Русија ќе се одржи од 14-ти јуни до 15-ти јули оваа година.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/03/2018 02:55