Поновата фудбалска историја не памети кога во еден фудбалски викенд и во едно исто коло во националните лиги, дури тројца фудбалери постигнале по четири голови на еден натпревар.
Во саботниот натпревар во англиската премиер лига, Ливерпул го совлада тимот на Ватфорд а најдобриот стрелец на „црвените“ Мохамед Салах постигна четири гола на овој натпревар. Натпреварот го отвори со гол во четвртата минута а на две минути пред крајот зголеми на 2:0. Во вториот дел од натпреварот, Салах постигна уште два гола во 77-та и 85-тата минута, а за да фантастичниот настап на Египјанецот ја доживее својата кулминација тој асистираше и при третиот гол кој со пета го постигна Роберто Фирмињо.
Интер пак, на гостински терен против сампдорија славеше со идентични 5:0 како и Ливерпул. Првиот гол за Интер го постигна Перишиќ во 25-тата минута, а за само 15 минути, феноменалниот Икарди постигна хет трик и го одведе својот тим на полувреме со 4:0 разлика. Во вториот дел, Икарди стрелаше прецизно во 51-та минута и со тоа стана вториот фудбалер кој постигна четири гола на еден натпревар овој викенд.
Секако, фудбалското доживување нема да биде целосно доколку тука не е Кристијано Роналдо. Во последниот натпревар од Шпанската Ла лига, тимот на Реал Мадрид на домашен терен ја пречека Џирона, а на Сантиаго Бернабеу имаше вистинска голеада. Натпреварот заврши со 6:3 за Кралевите, а Роналдо стрелаше прецизно дури пет пати но еден гол му беше поништен, па на своето конто запиша четири гола на еден натпревар.
[photo]
[photo]
[photo]