Пред првиот натпревар од четврт-финалето на Лигата на шампионите во Торино против Реал на трети април, Јувентус има доста проблеми бидејќи не може да смета дури на петмина играчи од првиот тим.

По сензационалниот пласман во четврт-финалето против Тотенхем, Јувентус ќе мора да направи уште еден голем подвиг против актуелниот шампион. Но, „старата дама“ за натпреварот со Реал ќе има проблеми во составувањето на екипата бидејќи половина од стандардните првотимци нема да можат да ѝ помогнат.

Уште од вечерта во Лондон, кога Јувентус го елиминира Тотенхем, беше јасно дека Миралем Пјаниќ и Мехди Бенатија нема да играат поради жолтите картони. Исто така, сигурно е дека „бјанконерите“ ќе бидат и без Алекс Сандро. Левиот бек го напушти кампот на бразилската репрезентација кога пријави болка во мускулот на десната нога, па по снимањето беше установено дека станува збор за сериозна повреда.

Проблем повеќе за Јувентус се повредените Џорџо Кјелини и Сами Хедира. За нив сè уште не е сигурно дали би можеле да играат против Реал, па кај нив ќе има многу работа за лекарската екипа на италијанскиот гигант да ги оспособи за натпреварот на трети април.

Кјелини не беше во италијанската репрезентација поради повреда, а од Јувентус тврдат дека сè ќе биде во ред со искусниот стопер. Што се однесува до Хедира, тој порано го напушти натпреварот меѓу Германија и Шпанија, но изјави дека, исто така, нема причина за загриженост.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/03/2018 22:40