ФИФА објави официјално листа од вкупно 99 судии кои ќе судат на натпреварите од Светското првенство во Русија ова лето.
За првпат, меѓу нив нема да има претставник на Англија, пренесе „Би Би Си“
Листата содржи имињата на 36 судии и уште 63 странични, кои претставуваат вкупно 46 земји.
Со најмногу претставници е Европа - 10 главни судии и 20 асистенти, а меѓу нив е и Германецот Феликс Брих, кој раководеше со финалето во Лигата на шампионите меѓу Реал Мадрид и Јувентус минатата година.
На избраните судии им претстои учество во два семинари, организирани од ФИФА. Првиот од нив е на крајот на април во Италија, додека вториот ќе се одржи во Москва во пресрет на турнирот, кој започнува на 14 јуни. Тогаш ќе стане јасно и кои од судиите ќе одговараат за системот за видео-повторувања што ќе дебитира на СП.