Баерн ќе го задржи Родригез
Колумбискиот репрезентативец Џејмс Родригез ќе остане во Баерн и по завршувањето на двогодишната позајмица од Реал Мадрид, бидејќи германскиот шампион ќе ја активира клаузулата за откуп за 42 милиони евра.
Раководството на Баерн веќе ја информира управата на Реал за задржување во своите редови на 26-годишниот Родригез.
На останување на Колумбиецот инсистираше тренерот Јуп Хајнцес, пишува шпанска „Марка“.
И Родригез е задоволен од развојот на ситуацијата. За разлика од Реал, каде што немаше некоја голема улога, тој во Баерн го доби вистинското место.
Минатата година Родригез пристигна во Минхен за 13 милиони евра, како позајмен играч, па заедно со сумата за откупната клаузула, Баерн за него ќе плати вкупно 55 милиони евра.
Поранешниот фудбалер на Порто и на Монако досега одигра 28 натпревари за баварскиот клуб и постигна пет гола, а запиша и 11 асистенции.