Фудбалерите на Арсенал убедливо ја совладаа ЦСКА од Москва со 4-1 во првиот натпревар од четврт-финалето на Лигата на Европа и со тоа практично го решија прашањето за пласман во полуфиналето на натпреварувањето.

„Топчиите“ работата ја завршија за 35 минути игра, кога со головите на Ремзи во деветтата и во 28-мата минута и на Лаказет од пенал во 23-тата и во 35-тата минута практично ги демолираа Московјаните. Малку надеж за нив, сепак, остави одличниот погодок на Головин од слободен удар во 15-тата минута, но јасно е дека сè освен пласман на Арсенал, понатаму би било еднакво на сензација.

Добра работа пред реваншот направија и Атлетико и Лацио.

Мадриѓаните на домашен терен беа сигурни против Спортинг со 2-0, а и во тој натпревар головите беа постигнати во првите 40-тина минути. Најпрво Коке со голот во 20-тата секунда од натпреварот ги доведе „јорганџиите“ во водство, а Гриезман во 40-тата минута го постави конечниот резултат. Мадриѓаните имаат одлична резерва пред реваншот во Лисабон, а ако се земе превид како играат во Лигата на Европа, може да се каже дека тие веќе се сигурни во полуфиналето.

Кога станува збор за Лацио, „лацијалите“ славеа против Салцбург со 4-2, а клучните моменти беа од 71-вата до 76-тата минута. Во 71-вата минута Салцбург израмни со голот на Минамино, а во наредните пет минути Фелипе Андерсон и Имобиле на домаќинот му донесоа убедлива победа. Претходно, Лулиќ во осмата минута ги доведе во водство „лацијалите“, Бериша израмни од пенал во 40-тата, а Пароло со одличниот погодок со пета му ја врати предноста на италијанскиот претставник.

Минимална победа на домашен терен остварија фудбалерите на Лајпциг, коишто го совладаа Марсеј со 1-0, а единствениот погодок го постигна Вернер во 45+1 минута.

Реванш-натпреварите на програмата се играат на 12-ти април.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/04/2018 14:14