Џенаро Гатузо, тренерот на Милан, го продолжи договорот со клубот до 2021 година.
„Почестен сум со продолжувањето на соработката. Благодарен сум им на сите во клубот за поддршката. Ветувам дека ќе го вратам Милан таму каде што припаѓа“, изјави 40-годишниот тренер по продолжувањето на соработката.
Таквиот сплет на околности беше и очекуван, ако се знае дека играчите на Милан играат како преродени откако дојде поранешниот играч за врска. Славниот тим од „Сан Сиро“ во 2018 година има само еден пораз, од Јувентус минатата седмица, а во тој период оствари осум победи и две ремија.
Гатузо во Милан дојде на крајот на ноември минатата година, на клупата го наследи Винченцо Монтела. Оттогаш, на 25 натпревари оствари 13 победи, пет ремија и шест порази.
Во досегашната тренерска кариера ги водеше: Сион, Палермо, ОФИ Крит и младиот тим на „росонерите“.