Лидерот во шпанското фудбалско првенство Барселона е пред изедначување на рекорд во Ла Лига за најмногу натпревари без пораз. Барса ќе се обиде да го направи тоа овој викенд на натпреварот со Леганес на „Камп Ноу“.
Средбата е утре од 20:45 часот и ако Каталонците избегнат пораз, што е повеќе од веројатно, ќе запишат рекордни 38 дуели во шампионатот без загубен натпревар.
Натпреварот со Леганес е од 31-та рунда од оваа сезона, а последните седум натпревари од минатата кампања се додаваат во серијата. Така, тимот на Ернесто Валверде ќе го израмни рекордот на Реал Сосиедад од сезоната 1978/79 и 1979/80.
Натпреварот со Леганес пак ќе биде и јубилеен број 50 за тренерот Валверде, кој може да се пофали со најмалку порази во оваа фаза од кариерата како менаџер на каталонскиот гигант. Барселона е непоразена во Примера дивизион и Лигата на шампионите, откако е блиску до титулата, практично се пласираше во полуфиналето во ЛШ, а се наоѓа и во финалето за Кралскиот Куп.
Единствените порази под водство на Валверде се двата од Реал Мадрид за Суперкупот на Шпанија пред фактичкиот почеток на сезоната и во четвртфиналниот судир за Купот против Еспањол - 0:1, кој не се покажа фатален, бидејќи Каталонците победија во реваншот со 2:0 на „Камп Ноу“.