Напаѓачот на италијанскиот шампион Јувентус - Пауло Дибала, се нареди до најголемите легенди на „бјанконерите“.
Бисерот на „старата дама“ вчера постигна „хет-трик“ во победата од 4-2 како гостин над Беневенто. По трет пат во Серија А сезонава, аргентинскиот репрезентативец постигна три гола во еден натпревар, по Џенова (4:2) и Сасуоло (3:1). Пред тоа, слично нешто направиле Омари Сивори (1960/61), Џон Чарлс (1957/58), Џампиеро Бониперти (1949/50) и други.
- Секогаш е тешко да се игра против тимови кои нема што да загубат. Слична беше ситуацијата и против СПАЛ. Затоа не требаше да излегуваме во второто полувреме со помислата дека веќе сè е решено. Требаше да ја зачуваме концентрацијата, изјави Дибала по успехот над Беневенто.
Тој потоа ја прокоментира борбата за титулата во Калчото со Наполи.
- Битката ќе биде до самиот крај, па не можеме да си дозволиме да губиме поени, додаде Аргентинецот.