Агентот на Герет Бејл е уверен дека неговиот клиент ќе остане во Реал Мадрид и по крајот на оваа сезона и покрај сите гласини дека Велшанецот сака да го напушти тимот и да се врати во Премиер лигата. Во последните недели упорно се тврди дека Зинедин Зидан изгубил доверба во Бејл, кој од своја страна пак, дал позитивен одговор на Жозе Мурињо за трансфер во Манчестер Јунајтед. Според Џонатан Барнет, агентот на Бејл, сето тоа се новинарски измислици. - Герет е играч на Реал Мадрид. Тој го сака Реал и Реал го сака Герет. Сите приказни за напуштање се напишани од новинари кои немаат идеја што се случува и едноставно имаат потреба да напишат нешто, без да бидат заинтересирани дали тоа е вистина или не, изјави тој за „ЕСПН“