Реал Мадрид обезбеди место во полуфиналната фаза на Лигата на шампионите, откако во драматичниот натпревар вечерва на „Сантјаго Бернабеу“ загуби од Јувентус со 1:3. Пеналот што го реализираше Кристијано Роналдо во 93. минута беше доволен за вкупна победа со 4:3.
Јувентус беше на чекор да направи сензација откако ја неутрализира предноста од трите гола на Реал од Торино и да се избори за продолженија во кои можеше да се надева за пласман во полуфиналето.
Марио Манџукиќ во втората и во 37. минута беше стрелец за водство од 0:2 во првото полувреме, а во 61. минута Матуиди го постигна третиот гол за Јувентус.
Во судиското продолжение Бенатија направи прекршок врз Васкез, а судијата Мајкл Оливер покажа на белата точка, а по бурната реакција на Буфон му даде црвен картон.
За Јувентус бранеше Војчех Шчесни, но Кристијано Роналдо беше прецизен во изведувањето на пеналот.