Шкендија во Скопје го совлада Вардар со 2:3 во 28-то коло од Првата лига и се доближи на само еден бод од официјалното освојување на титулата.

Натпреварот уште од самиот старт беше динамичен со пресврти.

Бесарт Ибраими со гол во шестата минута донесе водство од 0:1 за Шкендија, но потоа Вардар ја презеде иницијативата.

Со голот на Бојан Колевски во 42 минута израмни, а во почетокот на второто полувреме Хофханес Хамбарѕумјан изнуди пенал, што успешно го реализираше Дејан Блажевски и донесе предност од 2:1 за Вардар.

Во 52 мунута Ибраими со гол од слободен удар донесе израмнување (2:2), а шест минути подоцна Висар Муслиу погоди за триумф од 2:3 на Шкендија.

По денешната победа Шкендија има 69 бодови, 23 повеќе од Вардар на осум кола до крајот на првенството.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/04/2018 17:14