Гласините за можна продажба на Пол Погба во текот на летото продолжуваат со целосна сила.
Откако пред неколку дена „Дејли Мејл“ излезе со информацијата дека Жозе Мурињо изјавил пред клупските шефови дека Французинот може да биде продаден при соодветна понуда, денес истото издание ја открива и цената, која од „Олд Трафорд“ ја поставиле на својот најскап фудбалер.
Износот што Јунајтед го бара за Погба е 140 милиони фунти. Тоа е за 51 милиони повеќе од цената, која „црвените ѓаволи“ ја платија за привлекување на Французинот пред две години. Во тоа време, тоа беше најскапиот трансфер во историјата на фудбалот.
Според „Дејли Мејл“, шефовите на Јунајтед се уште се надеваат дека Мурињо и Погба ќе можат да се разберат, но Португалецот веќе бил силно разочаран од фудбалерот и тешко би можел да се премисли.
ПСЖ и Реал Мадрид се најзаинтересирани за Погба. Според „ЕСПН“ пак, од францускиот клуб веќе се поврзале со неговиот агент, Мино Раиола, за да проверат колку има вистина во гласините за продажба на Погба.