Првата ѕвезда на Ливерпул, Мохамед Салах, го доби признанието за најдобар играч во Премиерлигата во тековната сезона.
Асоцијацијата на професионални фудбалери (ПФА) го прогласи новиот лауреат во премиерлигашкиот фудбал. Без големи двоумења и доминантно, признанието оваа сезона заврши во рацете на Мохамед Салах.
Напаѓачот на Ливерпул дојде на почетокот од сезоната од Рома и „експлодираше“ со 31 гол, што претставува изедначување на рекордот на Премиерлигата (Ширер, Роналдо и Суарез), а има уште три меча да го стигне. Згора на тоа има и девет асистенции, но и покрај овие бројки, целата негова појава беше вистинско освежување оваа сезона во Премиерлигата.
Ливерпул е далеку од првото место, кое веќе математички го осигура Манчестер сити, но ниту титулата не беше доволен аргумент за Кевин Де Брајне да го загрози Салах, како негов најголем конкурент. Неофицијално, 82 процента од гласовите му припаднале на Салах, па дури и самиот Де Брајне гласал за него. Гласаат фудбалерите од 92 професионални екипи од сите степени на англискиот фудбал.
Со ова признание, Салах го наследи Нголо Канте од Челси, кој лани беше прогласен за најдобар.
ПОСЛЕДНИ ШЕСТ ОСВОЈУВАЧИ
2017/18 - Мохамед Салах (Ливерпул)
2016/17 – Нголо Канте (Челси)
2015/16 – Ријад Марез (Лестер)
2014/15 – Еден Азар (Челси)
2013/14 – Луис Суарез (Ливерпул)
2012/13 – Герет Бејл (Тотeнхем)
Извор: Спорт1.мк