Претседателот на САД, Доналд Трамп ја поддржа заедничката кандидатура на САД, Мексико и Канада за организација на Светското првенство во фудбал во 2026 година, при што дури и им се закани на земјите кои се против тоа.
Мароко е единствената друга земја која кандидира за организирање на Мундијалот по осум години, а одлуката ќе биде донесена од страна на Конгресот на ФИФА во Москва на 13 јуни.
- Ќе биде срамно, ако земјите кои ние секогаш сме ги поддржувале, застанат против САД за кандидатурата. Ако тоа се случи, зошто ние да ги поддржуваме, откако тие не го прават тоа (вклучувајќи и во ОН), напиша Трамп на Твитер.
Мароко се очекува да добие сериозна поддршка од земјите од Африка и Блискиот Исток. Франција исто така, планира да се заложи за Мароко, како и домаќинот на Мундијалот 2018 - Русија.
САД последен пат организираа Светско првенство во 1994 година.