Четирикратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон изјави дека добил покана од менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер да се вклучи во било кој од тренинзите на „топџиите“.

- Имав привилегија да се сретнам неколку пати со Арсен Венгер. Тој дури ме покани да се вклучам во некој од тренинзите на тимот, но јас се уште не сум го направил тоа. Секогаш бил многу љубезен и добронамерен и беше одлично да се сретнам со шефот на мојот омилен тим, изјави британскиот пилот.

Хамилтон, кој објасни дека го поддржува Арсенал од негова пет годишна возраст, не ја криеше својата восхит кон Венгер, кој го води тимот од Лондон повеќе од две децении.

- Неговата лојалност сите овие години, во периоди на подеми и падови, е исклучителна. И покрај се, тој остана верен на вредностите и продолжи да се бори за она во што верува. Мислам дека е неверојатен, додаде пилотот.

Венгер го напушта „Емирати“ на крајот од сезоната по 22 години на чело на тимот.

Хамилтон ја прокоментира и ситуацијата со неговиот договор со Мерцедес, кој истекува на крајот на годината.

- Јас кажав, од тимот исто така, дека сакаме да продолжиме заедно, па работите се едноставни. Не сум човек кој ќе изјави: „Сигурно ќе бидам во тимот и следната година“, а потоа да не останам. Значи, ние само треба да ги финализираме работите и да потпишеме, рече Хамилтон.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/04/2018 09:51