Фудбалерот на Ливерпул и на египетската репрезентација, Мохамед Салах, изјави дека очекувал од Египетската фудбалска федерација кон него да се однесува со поголемо почитување, откако на авионот што ќе го користат за Мундијалот беше поставен ликот на фудбалерот, но без негова дозвола.
- За жал, сметам дека начинот на кој ме третираат е голема навреда. Мислев дека подобро ќе се однесуваат кон мене, истакна Салах.
Набргу по ова социјалните мрежи беа преплавени со поддршка за Салах, а јавноста за овој инцидент го информираше и неговиот агент Рами Иса.
- Разговаравме со Министерството за спорт за овој голем проблем со Фудбалската федерација и неовластеното користење на фотографии на Салах, изјави Иса.
Египетскиот фудбалер им се заблагодари на навивачите за поддршката и изјави дека проблемот ќе биде решен наскоро.
Салах е заштитно лице на „Водафон“ во Египет, a конкурентската компанија Телеком Египет е спонзор на египетската репрезентација и го обезбеди авионот за националниот тим.