Ако Кристијано Роналдо вечерва постигне гол против Баерн Минхен во Лигата на Шампионите, тој ќе постави ново големо достигнување на „Сантијаго Бернабеу“ - барем по еден погодок во десет последователни дуели.
Досега Кристијано се запиша во изминатите девет натпревари на тој стадион,и не станува збор само за еден гол, туку за вкупно 18.
Се започна со двата негови гола против Депортиво Ла Коруња во јануари. Следеше „хет-трик“ во мрежата на Реал Сосиедад, два на Пари Сен Жермен, по два против Алавеш и Хетафе, четири против Жирона, како и прецизни удари во домашните мечеви на Реал против Атлетико Мадрид, Јувентус и Атлетик Билбао.
Во Лигата на шампионите оваа сезона Роналдо реализираше вкупно 15 голови. Рекордот од 17 погодоци исто така е негов, и беше во сезоната 2013/14.