Фудбалерот на Манчестер јунајтед, Маруан Фелаини, се уште нема потпишано нов договор со клубот, а според британските медиуми, причина за тоа е незадоволството од понудената плата од 140.000 фунти неделно.

Договорот на Фелаини истекува ова лето, но и покрај взаемната желба за продолжување на соработката таков договор се уште не е потпишан.

- Минатата година бев кај тренерот и му реков дека сакам нов договор. Потоа имавме уште еден состанок, но јас не сум човек кој ќе праша десетпати една иста работа. Во меѓувреме станав важен за екипата, а денес важните играчи чинат по 50 милиони евра. Луѓето во клубот знаат дека згрешија тогаш, бидејќи не ми понудија продолжување на соработката, истакна Фелаини.

Британските медиуми наведуваат дека на 30-годишниот фудбалер му е понудена неделна плата од 140.000 фунти, но дека тој бара значително повеќе.

- По изјавата на Жозе Мурињо дека сака да ме задржи се наоѓам во добра позиција. Добро ги познавам соиграчите и членовите на стручниот штаб, знам колку сите ме ценат. Сите знаат дека играв значајна улога. Имам 30 години и преговарам со Јунајтед. Уште неколку клубови пројавија интерес за мене. На пример, немам проблем да живеам во Кина. Сакам да истражувам разни места и поинакви култури, наведе фудбалерот.

Маруан Фелаини на „Олд трафорд“ дојде во 2013 година од Евертон за 32 милиони фунти.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/05/2018 22:38